БАЛЕТОТ „ПЕПЕЛАШКА“ ВО МОБ СЕ ПОАТРАКТИВЕН ЗА ПУБЛИКАТА
17 јануари 2023, 7:00 pm
545 прегледи
Array
На сцената на Македонската опера и балет од неодамна се изведува современиот балет во 3 слики „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев. Оваа балетска продукција на оваа национална културна установа претставува современа бајка за сите возрасти, во кореографија на гостинот од Србија, Александар Илиќ. Костимографијата е на Катерина Радошевиќ Галиќ (Хрватска), а сценограф е Филип Коруновски.
Во насловната улога настапува Христина Наќевска, во улогата на принц Мирослав Митрашиновиќ, Вила Ангел: Саша Евтимова, Маќеа: Марија Јосифовска Ристовска, Сeстри: Ендру Кук (Англија) и Кристијан Јангос, Татко: Драган Кочоски , Мала Пепелашка: Гала Кочевска. Настапуваат и солистите и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет.
Кореографот Александар Илиќ е прв солист на Народно позориште во Белград. Работи како кореограф и професор, а основач е на Институтот за уметничка игра. Од 2019 година е директор на Културниот центар на Белград. Досега работел на повеќе опери, поставил балетски претстави, танцови перформанси и инсталации, како и претстави за деца.
Балетската претстава „Пепелашка“ во МОБ е наменета за сите генерации гледачи, не е работена според моделот на „Дизни“, туку содржи елементи на модерниот и класичниот балет. Во насловот е додаден хаштаг „Љубов“. За сите љубители на балетската уметност оваа современа бајка ќе биде изведена и на 20 и 21 јануари .