Камерниот оркестар на Битола го одржа својот прв концерт оваа година како национална установа, со наслов „Барокна фантазија“,во КИЦ Офицерски дом. Музичките уметници Симон Поповски (виолина), Ангела Димковска (флејта) и Дејан Цветковски (виолончело), кои се и првите вработени во Оркестарот, го збогатија концертот со својата соло изведба, а како гостин на концертот настапи сопранистката Биљана Јосифов.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска пред почетокот на концертот искажа почит кон успесите на ансамблот.Таа обраќајќи се пред полната сала и пред музичарите од Камерниот оркестар кажа дека Министерството за култура ги поддржува вредностите на Оркестарот и создава услови ансамблот да придонесе за афирмација на Битола како влијателен музички центар во државата и во регионот.

За крај таа додаде дека е уверена дека и покрај домашните успеси на Камерниот оркестар, истиот далеку ќе го афирмира нашиот град и нашата држава на светските музички сцени. Пред присутните се обрати и директорот на Камерниот оркестар, Владимир Димовски. Диригент беше Иван Еминовиќ.

„Барокна фантазија“ е патување кое ги оживеа најубавите моменти од барокниот период, и ги спои историјата, културата и уметноста преку моќта на музиката. Ова е само почетокот на патувањето на НУ Камерен оркестар на Битола, кое ветува богатство на музички настани во годината што доаѓа.
Министерството за култура со над 3 милиони денари ја поддржува годишната програма на Камерниот оркестар во која ансамблот ќе понуди концерти како што се: „Градот на клавирите”, „Гласот на виолончелото”, „Македонска рок симфонија”, како и „Етно симфонија”. Ансамблот нуди богатство на жанрови, стилови и епохи, вклучувајќи и македонски композитори и изведувачи, и гости од странство.












