Бајден денеска ќе разговара со Путин

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе разговара со својот руски колега Владимир Путин.

Во соопштението на портпаролката на Советот за национална безбедност Емили Хорн издадено вчера се вели: „Администрацијата на Бајден продолжува да се ангажира во обемна дипломатија со нашите европски сојузници и партнери, консултирајќи се и координирајќи за заеднички пристап како одговор на руското воено засилување на границата со Украина“, пишува Радио Слободна Европа.

Бајден претходно разговарал со лидерите ширум Европа, а претставници на администрацијата на Бајден се консултирале и со НАТО, Европската унија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа, се вели во соопштението.

Разговорите вклучија и консултации со владини претставници во Источна Европа, вклучително и Украина, и во форматот Букурешт девет (Б9). Москва претходно овој месец поднесе нацрт-безбедносни документи со кои, меѓу другото, се бара прекин на проширувањето на НАТО кон исток и воената соработка со земји како Украина и Грузија.

 

Сподели