Бесплатно кафе, чај и слатки во „народни кафулиња“

0
437

Во рамки на кампањата за општите избори во Турција на 24 јуни, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вети отворање „народни кафулиња“ низ земјата, во кои 24 часа бесплатно би се нуделе кафе, чај и слатки, јави ДПА.

– Млади и стари ќе доаѓаат таму, ќе читаат книги и ќе добијат бесплатно слатки, чај и кафе – изјавил Ердоган на митинг во југоисточниот турски округ Хатај.

Според него, овие кафулиња би биле опремени со книги, како библиотеки.

– Тие места ќе му дадат боја на животот и ќе бидат отворени 24 часа во денот – ветил Ердоган во обраќањето.

Турскиот претседател во март годинава оцени дека кафеаните „не се места за коцкање, туку за читање книги“. По ваквата негова изјава, како што јави Анадолија, во округот Бурса беше инициран проект за претворање на кафеаните и традиционалните кафулиња во „народни кафулиња“.