„Битола е во хармонија со танго музиката“, Ксенија Ристиќ за Фестивалот на музика од светот

Со настапот на Либеркватро танго ансамблот од Србија, се отвори 13тото издание на Фестивалот на музика од светот, во организација на Центарот за култура Битола.

Ансамблот нуди танго и џез комбиниран во мелодиски и ритмички обрасци на танго со хармонија и импровизација на џез. Овој нов пристап на тангото и џезот се фаворизира ширум светот како •world music•, категорија на која е посветен и овој фестивал.

Фестивалот го отвори директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски, која изјави: „Овој фестивал ја прегрнува музиката од светот, го отвора срцето на градот, претворајќи го во лулка на уметноста“.

Ансамблот Либеркватро танго е основан во 2011 година со цел промоција на танго музиката.

„Нам ни е големо задоволството што можевме да се претставиме пред публиката во Битола, во оваа прилика се заблагодарувам на организаторката на фестивалот што ни ја даде таа прилика . World music е доста интересна категорија за публиката, тука може да се пронајдат повеќе жанрови. За концертот во Битола подготвивме една комбинација на страст, музика, танго “, изјави за Тера телевизија пијанистката, но и основач на ансамблот и уметнички раководител на истиот, Ксенија Ристиќ и додаде: „ За овие 10 години имавме многу настапи, на фестивали во Хрватска, Словенија, еве сега за прв пат настапуваме во Македонија, се надевам дека сега вратите во Македониа ни се отворени. Јас лично за прв пат сум во Битола, воодушевена сум од љубезниот дочек, со менталитетот овде кој е сличен на танго музиката, која е гостопримлива, баш сме во хармонија“.

Втората вечер на фестивалот е резервирана за балканскиот славеј, Билјана Биља Крстиќ, која денес ќе настапи придржувана од Камерниот оркестар на Битола .

Со почеток од 23 часот во клубот Јагода,ќе настапи Zamer  од Грција со Berryqyat како локална поддршка.

Фотографии: Центар за култура.

Неда Маретиќ

 

 

Сподели