Вечерва почнува Фестивалот на музика од светот, а за ова разговаравме со директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илијевски.
Првиот настан од овој фестивал е „Волкот на љубовта“, поетска вртешка со Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски.
Поетско-музички интерпретации на најубавите љубовни песни во современата македонска поезија: стихови од Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски… Во вториот дел, изведувачите ќе презентираат свои песни, а ќе бидат отсвирени и најслушаните љубовни песни од македонските фестивали на 20-от век. Настанот е на новата сцена со почеток во 20:00 часот.
В петок од 20:00 часот на големата сцена на Центарот за култура за свеченото отвоирање на годинашниот фестивал „Етно симфонија“ со Кармерниот оркестар и специјалните гости, Сузана Спасовска – вокал, Благојче Трајковски – кларинет и Петар Горко – актер.
Сабота од 20:00 часот исто така на големата сцена на Центарот за култура Маноло Гименез, препознатливиот глас на „Gipsy Kings“, ќе приреди незаборавен концерт со хитови како „Bamboleo“, „Volare“, „Jobi Joba“ и други.
Во декември 2010 година, Манило го напушти бендот за да формира своја циганска формација во јануари 2011 година: „MANOLO voice of Gipsy Kings“, со која ја претставува големината на неговиот непогрешлив глас ширум светските сцени.
Со над 2 милиони продадени албуми, Маноло плени со својот харизматичен настап, мешајќи каталонска румба, фламенко и поп музика. Секој негов концерт е вистинска прослава и покана за танц!
И на последната вечер од овој фестивал на 1 декември в недела од 20:00 часот „Балкан мјузик проџект“, Дувачки квинтет Македонија и Дувачки квинтет на Белградската филхармонија.
Илија Илиевски – Дувачки квинтет, Дејан Деспиќ – Вињети оп.43, Андре Капле – Персиска суита за десет дувачи, Владимир Димовски – Српска суита за десет дувачи, Владимир Димовски – Македонска суита за десет дувачи.
Дувачки квинтет Македонија – ансамбл составен од врвни музичари од НОБ, кои со своето долгогодишно искуство донесуваат нов звук во камерната музика.
Дувачки квинтет на Белградската филхармонија – етаблиран ансамбл со настапи на престижни фестивали како БЕМУС, НОМУС и многу други, познат и по работилници за музичко образование.
Во интервјуто со Андоновска-Илијевски зборуваме за тоа како го прават изборот за програмата на овој фестивал, за продажбата на влезниците и секогаш исполнетите сали до последно местo, за офф програмата и поддршката што ја имаат од Министерството за култура и Општина Битола.