Со свечена седница на Универзитетскиот сенат и ректорската управа денеска Битолскиот универзитет го започна одбележувањето на патрониот празник. Свеченоста која што се одржа во Офицерскиот дом започна со влегувањето на сенаторите на универзитетот, па деканите и директорите на единиците, а на крај влегоа ректорот и проректорите на универзитетот. Се интонираа македонската и химната на УКЛО.

Присутните најпрво ги поздрави ректорот проф.др. Игор Неделковски.

„Денеска е најсвечениот ден за нашиот универзитет, тоа е прославата по повод патрониот празник посветен на нашиот патрон Св.Климент Охридски. Универзитетот денеска ќе одржи свечена седница на ректорската управа и сенатот на која се поканети гости, поранешни ректори и ќе биде добра прилика да се потсетиме на минатото, на успесите што ги имал овај универзитет, но и да ги нагласиме проблемите и проектите кои ги планираме за во иднина“, рече ректорот проф.др.Игор Неделковски.

По повод патрониот празник ректорот им додели парични награди и пофалници на најдобро дипломираните студенти во академската 2021/2022 година.

Во име на наградените се обрати Сибела Мамудоска која дипломирала на Еконосмкиот факултет во Прилеп со просек 10.
„Оваа награда е само признание за нашите досегашни напори и основа за иден професионален развој“, рече Сибела Мамудоска.

Беше формиран и советот на ректори.
„Ја одржавме конститутивната седница. Ќе се состануваме два пати годишно со идеја да ми даваат совети од нивното искуство и да потврдиме дека овај универзитет има традиција и таа традиција ја преточува во институционална меморија“, рече ректорот Неделковски.

Присутните имаа можност да го слушнат и ораторскиот говор на Антонио Чоневски кој го освои првото место на држаниот ораторски натпревар во организација на Европското движење, а под менторство на професорката Билјана Граматковски од Педагошкиот факултет.

Свеченоста беше надополнета со музички изведби од ученици од средното Музичко училиште во Битола.












