Битолски весник одбележа 54 години од првиот број

0
534

На 29 април, пред точно 54 години, во далечната 1964 година, во предвечерието на празникот на трудот, 1 Мај, излезе првиот број на Битолски весник.
По повеќе неуспешни обиди да се издаде градски весник, група ентузијасти и вљубеници во пишаниот збор во Битола, на 29 април 1964 година го издадоа првиот број на Битолски весник.

Цели 54 години Битолски весник секоја среда непрекинато е редовен гостин во најголемиот број битолски семејства и се појавува на киосците во Битола.
Битолски весник е без сомнение единствениот локален и регионален весник во Република Македонија, којшто успешно опстојува во македонскиот медиумски простор на печатените медиуми во Македонија, и е единствениот весник во државата којшто за период од 54 години немал ниту еден прекин во печатењето.

Тој е весник којшто цели 54 години е вистински хроничар не само за настаните од Битола и регионот, туку тој има и непроценливо големо влијание и за информирањето на нашите иселеници во странство, особено во европските и прекуокеанските земји.

Во својата долга и бурна историја, Битолски весник беше иницијатор и реализатор на излегувањето и на фабричките весници во РЕК “Битола“, “Иднина“, “Транскоп“, “Битолатекс“, ЗИК “Пелагонија“, “Раде Кончар“, “Јавор“, “Графичар“, “Занаетчија“.

Битолски весник по издавачките куќи БИД “Мисирков“ и “Развиток“ беше најголема издавачка куќа во Битола. Во својата богата издавачка дејност Битолски весник во неговата историја издал над стотина книги, брошури, монографии на значаен број битолски автори, како што се: Ванчо Николевски, Вера Бужаровска, Јован Боцевски, Владо Додовски, Стојан Тарапуза, Видое Подгорец, Цане Здравковски, Радован Цветковски, Панде Манојлов, Менде Младеновски, Панде Петровски и други бројни автори.

Од редакацијата на Битолски весник велат дека по повод јубилејот пристигнаа бројни честитки со желби Весникот и натаму да опстојува, а првата честитка дојде лично од амбасадорот на Франција во Република Македонија, неговата екселенција Кристијан Тимоние, за време на неговата посета во Битола.