Во организација на ПСК Олимпус Монс од Битола и ТА Турист од Битола минатата недела два автобуси од Битола и Скопје со вкупно 97 учесници тргнаа во планинарска акција за искачување на Мусала. Мусала е највисокиот врв на Балканот со 2925мнв и се наоѓа на планината Рила во близина на зимскиот центар Боровец.

Според многумина името на врвот значи “место за молитва” или “врв за молитва”.Искуството од ова првомајско искачување на врвот Мусала ни ги раскажаа Иванчо Тошевски и Влатко Крбалески.

„Искачувањето беше планирано да се одвива по една од најпристапните патеки за зимски услови на искачување на врвот, но поради користењето на гондолата, за патеката на релација Јастребец – Мусала – Јастребец, со вкупна должина од 12km и 600m искачување имавме временска рамка од само 7 часа. 08:30 – со гондолата на релација Боровец – Јастребец во должина од 4827 метри се упативме до врвот Јастребец на 2369мнв. Календарски искачувањето не беше во зима, но веднаш после пристигнувањето на Јастребец, јасно беше дека движењето по патеката и финалното искачување на врвот ќе се одвиваат во отежнати зимски услови. Најголемиот дел од предвидената патека на движење, беше прекриена со нов снег кој паѓал во текот на ноќта до рано изутрина. За околу 50 минути, после нецели 3km сите 97 учесници, движејќи се во една група, пристигнаа до Планинарскиот дом Мусала на 2388 мнв. После 20 минутна пауза се упативме кон Планинарскиот дом Ледено Езеро на 2730мнв. по патека во должина од околу 2km и нецели 400m искачување и тука ги ги правиме последните подготовки за искачување на врвот“, рече Иванчо Тошевски, претседател на ПСК Олимпус Монс.

Во отежнати временски услови, со интензивни врнежи од снег, ветер од околу 40 километри на час продолжуваат до oсвојување на целта.
„За искачување на Мусала, како дел од помала група со поволни временски услови не е потребен некој поголем физички напор. Но, кога групата брои 97 учесници, и кога временските услови се крајно неповолни, со снежна вијулица, ветер од 40km/h, видливост од 10m, и временска рамка од само 7 часа, тогаш имаме сосема поинаква ситуација“, рече Тошевски.

Конечната одлука за искачување на врвот на целата група, ја носи Влатко Крбалески – првиот водич на групата, затоа што во тие моменти екипата на Олимпус Монс ја има на раполагање поддршката и искуството на двајца планинари од Битола, учесници на турата, Јоцо Смилевски и Ивица Митровски.

„Самата планина си ги носи ризиците. Временските услови не ни беа наклонети како што мислевме и одлуката и темпото беше цело мое, од водење на групата да ги држам во еден ритам сите членови за да одиме во исто темпо, да не се разделуваме бидејќи немавме видливост на самиот терен, на некои моменти имавме видливост на 10 местри, ветер со 40 километри на час. Кога стигнавме до полседниот дом Ледено Езеро таму јас во координација со битолчаните Јоцо Смилевски и Ивица Митровски ја донесовме одлуката да продолжиме понатаму. Искачувањето е полесно, на слегување треба поголемо внимание“, рече Влатко Крбалески.

Врвот го искачија вкупно 91 учесник од кои 35 жени. Најмладиот учесник бил 20 години, а највозрасниот 70. Најважно од се, за нив како што вели Тошевски е тоа што сите учесници на планинарската акција, се вратиле назад без ниту една повреда и во добра општа здравствена состојба. Физичката и психичката подготвеност се клучни за совладување на сите препреки кои ги носи планината, вели Крбалески.

„Според официјални лица од Ски центарот Боровец, ова е најголемата самостојно организирана група која успеала успешно да го искачи врвот. Иако временските прогнози, до пред само поѓање за врвот, говореа дека не очекуваат многу поповолни временски услови, сепак на терен се соочивме со нешто сосема поинакво“, рече Тошевски.

Адреналинот може да го разбере само оној кој ќе застане на врвот на планината, вели Тошевски.

За сите вљубеници во планината на крајот од јули ПСК Олимпус Монс и годинава ќе го организира настанот „Високо под ѕвездите, настан на кој што сите учесници ќе имаат можност да ја почувствуваат најакустичната природна сцена на Големо Езеро на Пелистер на 2218 метри надморска височина.












