Битолски реакции за парите од Скопје

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Како што веќе објавивме оваа година Народниот театар од Битола ќе добие пари од министерството за култура за четири премиери и не толку колку што побараа туку многу помалку.
По објавувањето на програмата Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар од Битола на својот фејсбук профил го напиша следниот коментар:

„Во оваа прилика само ќе го искористам слоганот, мотото, идејата или како сакате на една не толку одамнешна иницијатива од соседството. NIJE Umetnički Ćutati !!!“

Освен за четири премиери пари ќе добијат и за меѓународниот „Битола Шекспир фестивал“. Побараа 4 милиони денари, а министерството одобри само 1,4 милиони денари за овој фестивал.

По објавувањето на годишната програма што ќе ја финансира министерството за култура, лавина од реакции за тоа што многу веќе востановени проекти и манифестациите не добија ниту денар. Една од тие манифестации е и Монодрамата на Центарот за култура во Битола. По тој повод со реакција на својот Фејзбук профил се огласи директорката на Центарот за култура во Битола Маја Андоновска-Илијевски која напиша:

„ 21 година Фестивал на Монодрама, член на интернационален форум One man show под Унеско, оваа година не доби средства во годишната програма на Министерството за култура. Прво мислев дека неможам да го најдам, потоа дека е некоја грешка во објавувањето на програмата… Значи на крај е сепак 0 денари. 49 години Илинденски денови, најстариот фестивал во републиката за Фолклорни песни и игри член на CIOFF, во кој е дел од 100 најдобри фестивали на светот оваа година е повторно со скратен буџет. А Битола во таа фестивалска недела прима над 1000 гости од земјата и светот, и сите поголеми угостителски капацитети на градот се во служба на фестивалот… 11 години Фестивал на музика од светот, буџет како лани -помалку од незадоволителен! Министерство, јас не сум магионичар! Јас сум уметник и директор кој сака да работи без скршени крила! Со почит Маја Андоновска Илијевски, стои во нејзината реакција.

Битолскиот Монмарт годинава од министерството за култура ќе добие само 100.000 денари. Тие побарале 1.815.000 денари. За изложбата „Бисерите на малиот Монмарт“ побарале 150.000 денари, а министерството одобрило само 30.000 денари.
„Јас со тие 100 000 денари одобрени за Монмартр не можам ликовниот караван до Охрид да го однесам. Со тие пари не можам ни две деца од Хонг Конг во Битола да донесам. Лани ни доделија 400 000 денари, а пред таа година 250 000 денари“, вели за Апла.мк. Коста- Хаџи Антоновски раководител на Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ од Битола.

Но, најголем проблем за Детското ликовно студио претставува тоа што не е финансиски поддржана 37 Светска изложба од која всушност се избираат талентите што ќе учествуваат на Монмартр 2019 година.

„Годинава не го усвоија проектот, а лани ни дадоа 150 000 денари. Се отфрла Светската изложба, која е Гинисова изложба, пет олимпијади поминала, на овој конкурс награди добиваат децата од целиот свет. Ете, сега од Шри Ланка стигнуваат цртежи, за 15 дена завршува кокнурсот. По конкурсот Комисијата одлучува кој ќе биде награден и кој ќе дојде. Од таа изложба ги одбираме учесниците на Монмартр“, додава Хаџи Антоновски.

Детскиот музички фестивал ТРА ЛА ЛА годинава е одбиен од министерството за култура. Во реакцијата на организаторот на фестивалот се вели:

Имено, Интернационалниот музички фестивал ТРА ЛА ЛА оваа година го одбележува својот 20-ти јубилеј и е една од најуспешните манифестации од овој вид во цела Европа. Фестивалот ТРА ЛА ЛА International се одржува од 13-18 август 2019 година и на него ќе учествуваат околу 100 солисти од 20-25 земји, кои ќе се натпреваруваат во пет возрасни категории, од 6 до 26 години. Новитет во оваа година е тоа што на натпреварувањето во категоријата филмска музика, како и на Гала концертот на фестивалот, солистите ќе бидат придружувани од големиот Камерен оркестар на Битола.

Во досегашните изданија на фестивалот ТРА ЛА ЛА покрај учесниците од Македонија, земаат учество и репрезенти и делегации, солисти и вокални групи од целиот свет.

Проектот има за цел да придонесе во развојот на музичката култура во нашата држава и јакнење на натпреварувачкиот дух кај младите. Со тоа се допринесува во афирмацијата на македонската и светската естрада. Фестивалот ТРА ЛА ЛА е член на Светската асоцијација на перформанси и уметости (World association of performing and arts) WAPA со седиште во Ерменија, а наскоро се очекува да стане член на Светската асоцијација на фестивали и уметности (World association of festivals and arts – WAFA). Соработува со преку 40-тина фестивали и организации ширум светот.

Share.