Битолчанецот Горан Бојчевски на сцена со Влатко Стефановски

0
320

Битолскиот кларинетист и композитор Горан Бојчевски, ги освојува светските сцени со кларинетот. Неодамна настапи на сцена заедно со реномираниот гитарист Влатко Стефановски во Словенија.
Бојчевски ни раскажа дека за него овој концерт бил воодушевувачки, се потрудиле да делуваат како здрава и динамична целина, што е најбитната карактеристика на еден бенд.
– Успеавме да им раскажеме некоја приказна на луѓето кои што присуствуваа на концертот и да ги натераме и тие да се чувствуваат како да се дел од нас-вели Бојчевски.
Настапот се одржал во Копер, Марибор.
-Се работи за изведба на реперотар каде настапувам со бенд што не е мој, Капобанда. Се што свиревме се композиции на Влатко, без оние од новиот албум-вели Горан.
Инаку Бојчевски е автор на музиката за балетот „Хе-хе-хелиум“ за кого кореографијата ја напиша Игор Киров, солист е на бројни оркестри,  виртуоз кој настапува насекаде низ светот.
Исто така затворањето минатогодишното издание на фестивалот Сплитско лето во Сплит, Хрватска, беше со делото Дервишот и смртта, по кореографија на Игор Киров и музика на Бојчевски.

Роден 1982 година во Битола, Бојчевски влегува во редот на кларинетистите кои излегле од класата на ценетиот професор Панде Татарчевски. Како повеќекратен добитник на први награди на републичките натпревари, тој школувањето го продолжил на Факултетот за музичка уметност во Скопје, за да во 2006 година дипломира со највисока оцена во Љубљана, Словенија. Настапувал како солист на Академскиот симфониски оркестар, бил член на Оркестарот на Словенечката опера и балет, како солист на Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија во 2009 година свирел во Париз на примопредавањето на претседателствувањето со Европската унија, за да потоа магистрира на престижниот Универзитет „Моцартеум„ во Салцбург кај светски познатиот кларинетист и член на Берлинската и Виенската филхармонија – Алоис Брандховер.

По негова сугестија македонскиот музичар започнува активно да се занимава и со компонирање и во 2011 година ја пишува целовечерната Свита за пет солисти и оркестар која што е прогласена за концерт на годината во Словенија.

Бојчевски има снимено неколку албуми со класична музика, а како солист настапувал и во Англија, Франција, Ирска и во други земји.

Во септември минатата година Бојчевски беше дел од европската музичка конференција, на која дел беа реномирани светски музички имиња меѓу кои Рабу Али Калил кој беше дел од Фестивалот на музика од светот во Битола.