Битолчани наместо во магла, на чист воздух и сонце во Ниже Поле

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Додека Битола се гуши во магла, посетителите на ски центарот Ниже Поле уживаат на сонце,  чист воздух, температура од 6 степени и чисто сино небо. Иако работен ден, голем број битолчани, но и посетители од околните градови дојдоа да се напијат чај, кафе, помалите да се посанкаат или поскијаат. Оваа година немаше многу снег, на големо разочарување на љубителите на скијањето, но тоа не е пречка овој центар да биде посетен. Задоволни се и од ЈП „Стрежево“.

-Битола останува во смог, но на влезот во Ниже Поле има сонце. Скоро 10 дена тука времето е сончево, без облаци, ветер, единствено недостига снег.Посетени сме многу, може да се пофалиме со многу гости од градовите кои гравитираат околу Битола, вели Горан Марковски, одговорен за ски-центар Ниже Поле.

Она што може да се забележи е дека имаше ски-инструктори кои ги учеа децата да скијаат.

-Без разлика што снежната покривка е можеби 5 сантиметри, има ски инструктори кои го пренесуваат своето знаење, вели Марковски.

Од ЈП „Стрежево“ се надеваат дека во иднина повеќе ќе можат да ја користат новата опрема која ја набавија.

-Имаме нов тапкач на снег, но не можеме да го искористиме, имаме и нова моторна санка. Се надевам во иднина ќе има повеќе снег и ќе ја искористиме новата опрема и ќе ни биде од корист, вели тој.

На крајот, апелираат до битолчани, слободното време да го искористат и да уживаат во убавините на природата.

А како е во градот, може да се забележи слегувајќи од планината, кога синилото и сонцето, се заменуваат со густа магла.

Share.