Бојкотот на маркетите на државно ниво го преполови прометот на 8-те ланци маркети во државата. Засега нема информации за тоа каде повикот за бојкот имаше најголем одзив. Во анкетата што ја направи Тера граѓаните се согласуваат со чинот, но се сомневат во можноста за ефикасност и сметаат дека владите на земјите кадешто се реагира против високите цени треба да го решат проблемот.
„Во петок, 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари.“ – вели информацијата на Управата за јавни приходи, што е за малку па половина од прометот што маркетите го имале една недела пред бојкотот. Бројките велат на 24 јануари, кога немаше бојкот, до полноќ во GPRS системот на УЈП бил регистриран вкупен промет во износ од 213.985,705 денари. Бојкотот доведе до преполовување на прометот и споредувано со ден претходно. „Во четврток, 30.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари.“
Овие податоци се од системот за регистрирање на готовински промет (GPRS), односно регистриран готовински промет во 8 – те поголеми ланци на маркети на територијата на целата држава за деновите 24, 30 и 31 јануари 2025 година. „Според споредбената анализа на податоците, во петок, 31.01.2025 година во однос на петок, 24.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59%.
Во петок, 31.01.2025 година, во однос на четврток, 30.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.29%.“
УЈП ќе продолжи со мониторирање и анализа на овие трендови, како и информирање на јавноста за сите важни податоци кои ќе имаат влијание на економијата, а во меѓувреме на социјалните мрежи повторно се плете иницијатива за ваков тип на граѓански активизам.