Оркестарот на Македонската филхармонија го одржа концертот насловен „Заедно“ на кој беа изведени Концертот за виолина, виолончело и пијано во Це-дур, оп.56 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастична симфонија“, оп. 14 од Хектор Берлиоз. Диригент беше маестро Конрад ван Алфен од Холандија, а како солисти настапија виолинистката Софи Хајнхрих (Австрија), пијанистката Марија Вршкова (Македонија) и виолончелистката Михе Рио (Кореа).

Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, со највисоката оценка на ниво на универзитет „cum lauda“, во класата на проф.Тодор Светиев,кај когоги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието се закитила со повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзина најзначајна меѓународна награда е Третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколкупати била единствен претставник од Македонија во Светскиот младински оркестар, каде соработувала со врвни диригенти и солисти. Вршкова негува посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги бравурозно најновите пијанистички техники. Реализирала преку 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела, не само од македонски туку и од странски автори.

Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро, којшто е чест диригент со Филхармонија на Македонија, а пред една година беше и почесен гостин диригент со оркестарот. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холандија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико.

Од својата четиригодишна возраст, откако почнала да изучува виолина, германската виолинистка Софи Хајнрих е постојано на сцената како солист. Добитничка е нанагради на повеќе меѓународни натпревари. Во 2008 година, на пример, ја освоила музичката награда „Possehl“ на Ханзиниот град Либек, додека во 2009 го привлекла вниманието како најдобра Германка меѓу последните шест виолинисти во полуфиналето на натпреварот АРД во салата „Херкулес“, во Минхен. Исто така, добитничка е и на важни стипендии, а била и член на Здружението „Live Music Now“ на Јехуди Мењухин.

Критиката е постојано на страната на корејската виолончелистка Михе Рио, оценувајќи ги нејзините изведби како врвни. Се издвојува нејзиниот настап со „вечната кралица“ меѓу сите пијанисти Марта Аргериќ во „Тонхале“, во Цирих, и со виртуозот на виолина Шломо Минц во „Лист“, во Будимпешта. Таа е една од најбараните виолончелистки, настапува со бројни оркестри, како што се Симфонискиот оркестар Берлин, Симфонискиот оркестар Нирнберг, Симфонискиот оркестар на Радио Прага, Израелската симфонија, Филхармонијата на Хонгконг, на Малта, на Сеул, Корејскиот симфониски оркестар и други оркестри во Азија. Во 2013 година, Михе го издаде својот албум за „Дојчеграмофон“, со Концертите за виолончело на Сен-Санс и Елгар. Учествува и на значајни меѓународни натпревари како член на жири. Во моментов живее во Виена и активно изведува преку 30 концерти годишно како концертна виолончелистка, што ѝ ја донесе и титулата уметнички директор на ИМК (Асоцијацијата за интернационална музика и културна промоција).












