Битолчанката Софија Насевска Трифуновска дел од Госпоѓиците од Авињон

0
701

Битолчанката Софија Насевска Трифуновска е дел од најновата претстава на Македонскиот народен театар, Госпоѓиците од Авињон,
работена по текст на Сашо Димовски, а во режија на Ненад Витанов.
Според нејзините творци, ова е „почеток на постдрамскиот театар кај нас и за претстава – ода за создавањето на уметничко дело која не бара да биде разбрана, туку почувствувана“.
Насевска Трифуновска го игра ликот на Дора Мар.
Ликовите на останатите жени-музи што го инспирирале Пикасо покрај Софија ги толкуваат Искра Ветерова – Олга Коклова, Гордана Ендровска – Франсоаз Жило, Ана Стојановска – Мари-Терез Валтер и Звездана Ангеловска или Ева Гуел. Од друга страна, актерот Васил Зафирчев е задолжен да ги отелотвори ликовите без важни својства и самиот Пикасо.

Витанов, говорејќи за „Госпоѓиците од Авињон“, смета дека целата претстава е колажна, со многу измешани жанрови во неа и дека зборува за некои делови од животот на познатиот сликар Пабло Пикасо и неговите љубови, неговите музи.
Пикасовата слика „Госпоѓиците од Авињон“, создадена 1907 година, Димовски ја деконструирал на еден принцип кој нему му значи, односно дека се обидел во сето тоа да го пронајде она што него го провоцира да пишува – да појде чекор понапред во осознавањето на самиот себе си.

Текстот е организиран во седум сцени во кои се поставени хипотетичките барселонски куртизани насликани на пикасовата слика погледнати од една друга толкувачка призма или практика на промислувањето театар генерално. Димовски вели дека петте биографии на исто толкуте исклучителни жени кои едновремено биле музи и уметност сама за себе биле дел од неговиот истражувачки процес додека работел на текстот, но му негостигало цело време врзното ткиво.
Сценографијата за претставата е на Филип Витанов, костимограф е Тања Кокев, а композитор на оригиналната музика Калиопи Букле.
Позади Софија се повеќе театарски улоги и тоа во Сомнително лице, Госпоѓа министерка, Прекината Одисеја, Мајсторот и Маргарита, Соларис, Парите се отепувачка и многу други.