Многу активности, промоции, презентации, претстави се дел од програмата посветена на Горан Стефановски што се реализира во рамките на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Горан Стефановски годинава е Автор во фокус на фестивалот.
Во киното „Мис Стон“,беше изведена претставата „Јане Задрогаз“, а во неа играа учесниците на едукативните работилници во рамките на програмата „Чернодрински за деца“, што се реализираше во текот на измината година. Предводени од режисерот Милош Б. Андоновски и „Театар за сите“, а под менторство на актерите Игор Трпчески и Илија Волчески, млади театарски ентузијасти, заедно со професори-ментори од прилепските гимназии цела година учеа и креираа. Учествуваа ученици од средното училиште „Ристо Ристески-Ричко“, „Мирче Ацев“, „Ѓорче Петров“ и основните „Добре Јованоски“ и „Блаже Конески.
Како дел од програмата на фестивалот беше промовирана книгата „Од текст до претстава: Феноменологија на сценскиот говор“ од Тодорка Балова. Според професорката д-р Јелена Лужина, книгата има чуден наслов со поднаслов. Во грижата за сценскиот гвоор таа се наврати на професорите по сценски говор, како Илија Милчин и Мето Јованоски, кој не случајно се наоѓа на самата корица на книгата. Книгата користи методологија ПРААД, што значи една медицинско терапевтска методологија. Таа ќе им помогне на сите актери кои што сакаат да работат врз себе. Тодорка Балова им направи прирачник, кој е прв научен труд за сценскиот говор.
Факултетот за драмски уметности од Скопје во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ја промовираше фондацијата „Горан Стефановски“, а Драмски театар од Скопје ја претстави штотуку востановената награда за драмски текст „Горан Стефановски“. Сашо Кокаланов, продекан за настава при ФДУ во Скопје образложи дека Горан Стефановски секогаш беше тука да ги поддржи младите автори, да им биде „ветер во грб“ особено во онаа, почетна фаза. Директорот на Фондацијата, режисерот Александар Поповски нагласи дека пораката што ја имавме од Горан Стефановски објаснува сѐ.
Оваa година Драмски театар ја востановува наградата за најдобар драмски текстна млад автор до 30 години, награда која ќе го носи името на Горан Стефановски.
Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се Министерството за култура и Општина Прилеп.