„Ве убедувам дека далеку од нормалност и од реалност е да се очекува ВМРО-ДПМНЕ да има мнозинство. Тие филмови што ги презентираат на нивното членство 61 пратеник е светлосни години далеку од реалноста“, истакна Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ24.
Во однос на истражувањата, тој додаде дека дебело мнозинство на граѓани на анкетите низ годините, и сега се за членство на Македонија во ЕУ.
„Од таму ја црпиме сигурноста дека проевропскиот блок предводен од СДСМ ќе оствари победа и ќе формира влада по изборите“, потенцираше Богоев.
Тој заклучи дека луѓето не сакаат да одат во изолација каква што нудат Мицкоски и Апасиев. Тој филм е гледан 11 години – филм на тепање на студенти, загушени новинари, додаде потпретседателот на СДСМ.
„Ние сметаме дека сега треба да се направат последните уставни чекори за да земјата ги отвори поглавјата и забрзано го трасира патот кон Европската Унија со крајна цел дури и пред 2030 година да бидеме полноправна членка на Европската Унија“, изјави Богоев.
Тој додаде дека корупцијата е втемелена во државата и е станата некаков вид на традиција во државата. Богоев дополнително посочи дека корупцијата не е модел на владеење.
„Ние сме политичка гарнитура и политичка партија и коалиција во чијшто мандат имате специјален јавен обвинител во затвор. Имате двајца бивши генерални секретари на Влада од нашата партија коишто се соочуваат со закон. Таквите работи никогаш не биле замислени во минатото да се случат, не пак да се реализираат“, потенцираше Богоев.
Тој потсети на тоа какво било времето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас ја разбирам црната листа на САД, којшто се најдобар стратешки партнер на Македонија, како поттик дополнително да се охрабрат, особено судовите, особено и обвинителството. Во делот на корупција и владеење на право, јас го детектирам проблемот во рамки на судовите.Оттука треба да се почне“, заклучи Богоев.












