Болниците од Битола, Тетово и Штип да не препраќаат родилки во Скопје, една од мерките за намалување на смртноста кај мајките и бебињата

0
2013

Секое родилиште ќе има живото-спасувачки лекови за мајки и бебиња, а родилки нема да се препраќаат од Битола, Штип и Тетово во Скопје, најави денес министерот за здравство Венко Филипче при презентација на краткорочните и долгорочните мерки за намалување на смртноста кај новороденчињата и родилките. Тој кажа дека мерките за подобрување на состојбата во родилиштата и зголемување на грижата за бремените жени и бебињата ги изработиле во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА.

„Во секое време во родилиштата мора да има достапни живото-спасувачките лекови за мајките и новороденчињата, согласно листата на СЗО и УНФПА. Утврдивме дека дел од ваквите лекови не се регистрирани во Македонија, а и тие што се, не секогаш се достапни во родилиштата. Со усвојување на стандардите за гинеколошките ординации на примарно и секундарно нивно, како и за родилишта во болниците и во клиниките, ќе гарантираме дека жените и мајките ќе добиваат квалитетни здравствени услуги. Клиничките болници во Тетово, Штип и Битола ќе нудат еднакво квалитетни услуги како ГАК. Поради недостиг на кадар или недоволна обука, сите пациенти оттаму се препраќаа во Скопје, и клиниката е преоптоварена“, кажа Филипче.

Преоптовареноста на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје Филипче ја илустрираше со примерот, дека таму е предвидено годишно да има меѓу 3.500 и 4.000 породувања, но се изведуваат по околу 6.000 породувања.

Во краткорочните мерки, кои Министерството ќе ги имплементира во рок од три месеци се ревидирање на упатството за постапување при пост – породилно крварење, подготовка на упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето, упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта.

 

 

„Во моментов нема упатство за унифициран третман за крварење при породувањето, кое се смета за една од најчестите причини за смртност на мајките. А компликациите од сепса, коагулација на крвта и висок крвен притисок се главни причини за смртност кај родилките. Во Македонија недостигаат клинички упатства за постапување во вакви живото – загрозувачки ситуации. Ги ревидиравме и болничките упатства за нега на штотуку родените бебиња“, кажа Филипче.
Во рок од три месеци треба да се спроведат и обуки на обучувачи за ефикасна грижа на штотуку родените бебиња од врвни експерти на СЗО и УНФПА.

„Ќе бидат обучени и професионалци за примена на методологијата на СЗО за ревизија на мајчината смртност и сериозни компликации врзани со бременоста, породувањето и периодот по тоа. Ќе изработиме и план за воведување на мобилни гинеколошко акушерски услуги за ранливите категории на граѓани. Така ќе го следиме здравјето на бебињата, чии родители не се во можност редовно да ги носат на педијатар“, кажа Филипче.

Во рок од шест месеци министерството ќе реализира обуки на стручниот кадар за ефикасна грижа на родилките и новороденчињата, како и неонатолошки обуки на педијатрите на секундарно ниво, согласно препораките на СЗО.

„Поради недостиг на педијатри во неонатолошките и педијатриски одделенија, во следните шест месеци ќе вработиме доктори кои се на крај со специјализацијата или кои веќе специјализирале. Во следните 12 месеци според стандардите за родилишта ќе ги акредитираме најголемите родилишта во земјава, односно ГАК во Скопје, болницата во Чаир, и трите клинички болници во Тетово, Битола и во Штип. Во овие пет здравствени установи се случуваат дури 80 отсто од породувањата, иако Македонија има вкупно 26 родилишта“, кажа Филипче.
Според податоците од Државниот завод за статистика во 2016 година, од 1.000 живородени, починале 11,9 бебиња. Европскиот просек е двојно помал, односно 5,2 отсто.

sdk.mk