Бочварски: Во тек е постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски информираше дека врз основа на критериумите за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот „Беса транс”, ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година, односно има уредна лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

Бочварски уште појасни дека во системот на Министерството за транспорт и врски конкретниот превозник е заведен со 4 возила кои поседуваат лиценца за превоз, но откако се добиени информации од Министерството за внатрешни работи за опожареното возило, констатирано е дека тој автобус не бил пријавен од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски.

Министерот за транспорт и врски Бочварски соопшти дека согласно досега добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за конкретното возило, врз основа на член 12 став 2 алинеја 1 од Законот за превоз во патен сообраќај, во тек е постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот, и дека на вчерашната седница Владата го задолжи Државниот инспекторат за транспорт за изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс”.

Сподели