Ноемвриската изложба на Друштвото на ликовни уметници Битола беше презентирана во мала сала на Битолскиот Завод и музеј. Ова беше 59 издание на традиционалната ноемвриска изложба, а во рамките на програмата на општина Битола за одбележување на Денот на ослободувањето на градот 4 -ти ноември.
„Ликовниот живот на Битола е интегрален дел од нејзината историја а изложбите како оваа овозможуваат разбистрување на визурата за нејзината иднина преку уметноста“, напиша Филип Иванишевиќ, историчар на уметност.

Изложбата за отворена ја прогласи Лилјана Христова -историчар на уметност, на која и беше доделено и признание за особен придонес, за развој на ликовната уметност и нејзина афирмација на битолската и македонската ликовна сцена во земјата и во странство, за високиот професионализам и континуираната ангажираност како историчар на уметност и организатор на бројни изложби.

Традиционално се додели награда за најуспешно ликовно остварување на Ноемвриската изложба. Годинава, членови на комисијата за наградата беа Лилјана Христова, Панде Петровски и Александар Поповски и одлучија Ноемвриската награда да ја добие Бојана Артиновска Трпческа, а наградата значи организација на самостојна изложба на наградената од страна на ДЛУБ. Наградата на Трпческа и ја додели претседателката на ДЛУБ. Нела Петровска.
Во чест на почитуваниот ликовен уметник Илија Кочовски, плакатот е изработен со репродукција од негово дело. Оваа година беа изложени 35 дела. Изложбата е поддржана од Општина Битола и истата ќе биде поставена до 18 ноември.












