Британија назначи Министерка за осаменост за борба против социјалната изолација

0
495

42-годишната Трејси Крауч е назначена за Министерка за осаменост, со задача да се бори со модерните здравствени проблеми поврзани со социјалната исклученост, соопшти британската Влада.

Крауч изјавила дека е горда што може да се зафати со „генерацискиот предизвик“ за да се справи со прашањето кое засега околу осум милиони, млади и стари жители на Велика Британија, пренесува ББЦ.

Во владиното соопштение се наведува дека новото Mинистерство е последица на истражувањата кои покажуваат дека едно од десет лица се чувствуваат секогаш или често осамени и дека стотици илјади постари лица не зборувале со пријател или роднина во изминатиот месец.

Според студија од минатата година, осаменоста е штетна по здравјето на ист начин како и пушењето 15 цигари дневно.

Овој проект првично беше започнат преку Комисијата за осаменост на парламентарката Џо Кокс, која беше убиена пред ЕУ референдумот во терористички напад.

„Џо Кокс го забележа обемот на осаменоста низ земјата и се посвети себеси да направи се што е во нејзина моќ да им помогне на луѓето кои се засегнати. За премногу луѓе осаменоста е тажна реалност на модерниот живот и сакам да се бориме со овој предизвик на нашето општество со преземање акција“, стои во соопштението на британската Pремиерка Тереза Меј, која додала и дека новото Mинистерство ќе ја продолжи мисијата на Кокс.

Британскиот Црвен крст осаменоста и изолацијата ја сметаат за „скриена епидемија“ која има влијание на луѓето од сите возрасни категории и во различни животни периоди, како пензионирање, загуба или развод.

radiomof.mk