Буковска Василичарска трпеза

Се случи првата Буковска Василичарска трпеза. Синоќа на отворено се собраа жителите од селото и гости од Битола и други места. Беше студеното, но амбиентот и она што таму можеа да го видат сите, беше посилно од студот. Празничен амбиент за добредојде на сите добронамерници.

И ова беше настан кој обединува, сега од Буково пратена и пораката за единство, за заедништво, вели Горан Кабровски претседател на месната заедница во Буково.

Според организаторот повеќе од 300 гости беа синоќа на Василичарската трпеза. Вредните домаќинки подготвиле питулици, палачнки, мекици, зелници, баклави, равании, торти, колачи, гибаници и што уште не, богата трпеза за уште побериќетна година.

Во подговотките учествуваа 90 жени и над 100 мажи жители од селото, се испекоа 400 колбаси, над 200 разновидни јадења. Се испече цела фурна леб и низа пиперки, а на лице место Драга Соклевска правеше буковска пипер.

Коледарите ги пречека и ги даруваше најстарата жена Драга Соклевска. Василичарскиот оган го запали најастариот жител на селото Пандо Мандевски кој има 91 година. А за Василица се врти мазник со пара. А во Буково имаше мазник најголем досега виден на овие постори со дијаметар над 1 метар.

Парето се падна кај Ице Босилковски.

Се што беше подготвено беше бесплатно, имаше и кутија за донации. Оние кои сакаа донираа, а средствата ќе се употребат за општи добра на селото.

Василичарската трпеза ја посети и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Трпезата беше благословена од свештено лице. Ова е нова ера за зближување на народот, вели Кабровски, а првата песна беше во чест на големиот музичар Панде Коминовски- Пашата.

Буково е едно од најпознатите населени места во овој регион. Ова е село со многу традиции, а надалеку е познато по буковска пипер.

Фото: Сашо Ставрев

 

Сподели