Ване Костуранов со 3 изложби пред хрватската публика

Во рамките на фестивалот Пази книга во Загреб, беа поставени 3 изложби на илустраторот Ване Костуранов.

„ По покана на организаторите на фестивалот , бев избран за почесен илустратор оваа година и во рамките на таа титула беа организирани трите изложби со цел да се прикаже речиси целокупното мое илустраторско творештво пред загрепската публика“, истакна Костуранов.

Во централниот дел на градот, на излогот на книжарницата и читалница “Богдан Огризовиќ”, беа поставени неговите илустрации и авторски сликовници. Втората изложба беше поставена во галеријата ВН (Владимир Назор), каде беше официјалното отворање на изложбата каде што беа изложени илустрации од неговите три авторски сликовници и третата изложба се случи во библиотеката “Кајфешов брег”, со илустрации од неговите книги соработки со други писатели. На отворањето на изложбата во библиотеката “Кајфешов брег” беа присутни средношколци од ШПУД, средно училиште за применета уметност и дизајн, пред кои се претстави со неговото  творештво и одржа кратко предавање за неговата работа како илустратор. Последниот ден Костуранов имаше предавање и разговор со студентите од класата на професорот и илустратор од загребската Академија на ликовни уметности, Свјетлан Јунаковиќ.

 

Сподели