Велосипедска Downhill трка на Пелистер

0
1221

Викендот, од 1-3 Јуни 2018 год на Пелистер се одржа шестата по ред велосипедска Downhill трка организирана и реализирана од тимот од велосипедскиот клуб Extreme Bike Team Bitola.

Трасата на патеката беше од Копанки до Детското одморалиште и е во должина од 2,1 км и висинска разлика од 425м. Целиот натпревар беше спроведен според правилата на UCI (Union cycliste International).

А програмата предидуваше и беше реализирана во неколку дела. На 1 Јуни разгледување на трасата од страна на возачите без велосипеди, следниот ден официјален тренинг, а на 3-ти Јуни беше главниот спуст на кој му претходеа тренинг и квалификации.

Оваа традиција годинава прерасна во втора по ред трка од Балканското првенство во Downhill дисциплината кое за прв пат се организира оваа година и се одржува во шест земји Романија, Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција и Кипар.

Овој пат на трката зедоа учество рекордни 57 натпреварувачи од осум земји Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Романија, Грција и Австралија.

Учесниците се натпреваруваа во четири категории и тоа мажи и жени хоби, мажи јуниори, мажи мастерс и мажи елит.

Во класата хоби тотална доминација на македонските возачи и првите две места ги зазедоа Додиќ Стефан и Давчев Даниел, додека третото место му припадна на Лазар Калуџеровиќ од Црна Гора.

Во класата јуниори првите три места ги освоија возачите од Бугарија Анчев Јордан, Белезирев Румен и Кобуров Иван. Во оваа категорија најдобро пласирани возачи од Македонија беа Ѓорѓевиќ Лука и Угриновски Кристијан освојувајќи петто и шесто место.

Во најжестоката класа, односно мажи елит, првите три места ги поделија Бугарите Гатев Стивиан, Ковачев Росен и Нејчев Јоан. Нашите најдобри возачи освоија одличен пласман и тоа Николовски Александар седмо место и Даскаловски Јовче осмо место.

Понатаму Фидановски Александар тринаесето место, Цветкоски Оливер беше четиринаесетти, Јовановски Стефан шеснаесетти, Цветановски Мартин осумнаесетии, Здравески Ивица дваесетти, Кулевски Христијан на дваесет и првото место и Демировски Артан на дваесет и второто место, сите членови на велосипедскиот клуб Extreme Bike Team.

Организаторите велат дека после покажаниот одличен успех како во натпреварот така и во организацијата, за што сведочи големиот број на натпреварувачи како и нивните позитивни коментари, чувствуваат голем поттик, а и обврска да ја продолжат традицијата со уште поголема организација, а и на повисоко ниво на натпреварување како што е класификација на трката во UCI (Union cycliste International).

Упатуваат голема благодарност до сите оние кои што им излегоа во пресрет како материјално така и финансиски во организирањето на овој спектакл во Македонија, без чија помош сето ова ќе беше недостижно.

И додаваат дека дополнително мотивирани од огромната посетеност на овој настан од страна на љубителите на планината и спортот од нашиот град Битола, а и од цела Македонија и соседството, продолжуваат со нови сили во организирање на уште поголем настан со поголем број на возачи и со уште попредизвикувачкa и по адреналинска траса.