Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е „терорист“.
Обвинувањето уследи откако Нетанјаху ги отфрли „моралните лекции“ од Турција поради крвавите судири на границата помеѓу Појасот Газа и Израел.
– Еј, Нетанјаху, Вие сте окупатор и како окупатор сте на тие територии и во исто време сте терорист, изјави Ердоган пред приврзаниците во Адана, а обраќањето се пренесуваше и на телевизија.
Според израелските медиуми, претседателот на Турција изјавил и дека Израел е „терористичка држава“.
– Не е потребно да му кажам на светот колку е сурова војската на Израел. Можеме да видиме што прави терористичка држава, ако ја набљудуваме ситуацијата во Газа и во Ерусалим, посочи Ердоган, додавајќи оти Израел изврши масакр во Газа.
Тој најави и дека Турците нема да заборават што им се прави на угнетените Палестинци, оценувајќи дека ниту на израелскиот народ не му е сеедно.
Нетанјаху претходно го нападна Ердоган поради неговите критики на израелскиот одговор на масовните протести на Палестинците на границата на Појасот Газа.
– На најморалната армија на светот нема да му држи лекции некој, кој со години бомбардира цивилно население, наведе Нетанјаху.