Селекторот на македонската репрезентација Кирил Лазаров во пресрет на натпреварот против Холандија вели дека „лалињата“ се екстра-квалитетен тим кој игра многу добар ракомет и ќе мора да се испотат ако сакаме победа.

„Целиот ден го искористивме за нивна анализа, иако и за време на подготовките гледавме натпревари, чисто тука ги споредивме дали се работи за истите работи што ги играат и мислам дека имаме шанси, треба позитивно да размислуваме. Малку ме загрижува повредата на Томи Јагуриновски, тоа беше голем хендикеп, па дури и за последниот натпревар со Норвешка, кога ние бевме во егал, ни фалеше таков играч кој покажува квалитет. Ни се приклучува на негово место Давид Савревски, дебитант, но ракометаер со голем потенцијал. Секој играч ни е добредојден. Ќе се обидеме да ја покриеме таа позиција и со друг играч, не само со Мартин Серафимов, затоа што ќе биде тешко да се издржи во тој ритам шеесет минути“ вели Лазаров.

Мечот меѓу Македонија и Холандија се игра денеска со почеток од 18:00 часот. „Лалињата“ во првата рунда ја надиграа Аргентина со десет гола разлика (29-19).
Фото: Ракометна федерација на Македонија












