ТЕРА

REKLAMA???

ВЕЧЕР НА ИНТЕРФЕСТ: КОНЦЕРТ ДУО ХАРМОНИКИ АНА И АЛЕКСАНДАР КОЛОВСКИ

Вечер на програмата на Интерфест Битола ќе биде изведен концертот на дуото хармоники: Ана Коловска -Русија,Македонија и Александар Коловски од Македонија.

Ана Коловска е победник на 35 меѓународни натпревари, а на последните 15 натпревари освои 15 гранд при награди.

Таа е родена во Армавир, Русија во 1996 година и уште од рани години се врзува за музиката, редовно концертирајќи и настапувајќи на интернационални и домашни натпревари. Основното музичко образование го завршува во новокубанското детско музичко училиште, во класата на проф.Михаил Бојко. Во 2014 година се запишува во Ростовскиот музички колеџ во класата на познатиот професор и заслужен артист на Русија, ЈуриШишкин. Нејзиниот репертоар е богат и вклучува композиции од различни музички епохи, дела од Менделсон, Григ, Московски, Лекуона, Кусјаков, Бах,Шчедрин, Семионов, како и композиции од руската народна музика. Инаку, Ана редовно настапува на натпревари, како и на концерти во Русија и надвор од земјата, а нејзините изведби се високо позитивно оценети од страна на критиката и опишани како „интерпретации исполнети со страст и длабочина, во комбинација со долги и драматични скали, деликатен опсег на звукот и брилијантна техника. Добитник е на Гранд при на натпреварот „Акордеон плус“ во Ростов на Дон, Русија, во 2012 година, потоа победник е во сениорска категорија за класична музика на Интернационалниот натпревар „Кастелфридардо“ во Италија во 2015 година, а има освоено и прво место на вториот Интернационален натпревар за хармоника во Алкобаса, Португалија, како и прво место на натпреварот „Гридин“ во Курск, Русија во 2016-та.

Александар Коловски е двократен светски шампион, со победи во двете категории, класика и варајети музика.

Истакнатиот македонски музички уметник е роден во Скопје во 1990 година. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Златко Мадевски, а во 2018 година магистрира на Универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц, Австрија, во класата на проф.Алфред Мелихар. Коловски редовно настапува на концерти и на фестивали низ Европа, Кина и Русија. Во периодот од 2009 до 2012 година, тој станува еден од студентите на реномираниот професор Фредерик Дешамп од Франција. Покрај класичната музика, во Франција во 2010 година Коловски почнува да се занимава и со изведба на т.н. вариете музика. Критиката ќе го оцени како „изведувач познат по својот темперамент, виртуозност и импресивна техника“. Во 2011 година го освојува првото место на натпреварот „Светски трофеј“ во Пинето, Италија, освојува прво место на Интернцаионалниот натпревар„Кастелфидардо“ во Италија во сениорска категорија за класична музика во 2011 година, потоа прво место на Интернационалниот натпревар „Гранд При“ во Франција во 2011 година, како и прво место на „Кастелфидардо“ во сениорска категорија за вариете музика. Коловски е добитник и на наградата „Виртуози“во 2014 година, во категоријата „Млад музички уметник“, доделена од страна на македонското Министерство за култура, Македонската опера и балет иМакедонската филхармонија.

На програмата се дела од Скарлати, Кусиаков, Семионов, Пиацола, Коловски.Концертот ќе започне во 20 часот во Офицерскиот дом во Битола.