Доцна попладнево над Битола изби пожар на нискостеблеста вегетација, еден пожарникар е хоспитализиран. Ангажирани се сите пожарникари, расположиви возила и јавните комунални претпријатија, а веќе на терен состојбата ја утврдил и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Еден пожарникар е хоспитализиран заради повреди во тек на протипожнарата интервенција на Раштанскиот рид во Битола. Според информации од Клиничка Болница Битола, се работи за помали изгореници, но неговото задржување е само превенција од инфекција, а не и многу тешка повреда.

Повеќе од 50 лица, пожарникари и доброволци се борат со огнот што попладнево во 16.00часот започна во просторот околу тунелот на д магистралниот пат на северниот дел од градот. Со ветерот кој се појавил брзо се проширил нагоре кон местото викано Раштански рид, не информираше командирот на противпожарната единица Горан Димковски.

Се работи за мешан, терен со долови и ридчиња кадешто има нискостеблеста вегетација и ретка борова шума. Опасноста од зафаќање на боровите и патот е надмината со помош на јавното претпријатие „Водовод“ чии екипи носат вода за противпожарните возила, а досега е побарана и помош од ЈКП „Нискоградба“ кои имаат задача да отворат пат на непристапниот терен како би се заштитил и другиот дел од ридот.

Од општината инфомираат дека градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски го стави во целосна функција штабот за заштита и спасување, а екипите на терен се во постојана координација со градоначалникот и се зголемуваат.

Пожарникарите очекуваат за неколку часа пожарот да биде локализиран.












