Видео: Дел од концертот на триото „Grneta Ensemble“.

0
325

Виртуозите од светски калибар кларинетите Исмаил Лумановски и Игор Бакревски, како и пијанистката Марија Вршкова синоќа ја воодушевија публиката во Центарот за култура која со еден здив ги следеше емотивните изведби на класик триото „Grneta Ensemble“.

-Секогаш е убаво да се свири во Битола. Можеше да имаме уште поубав клавир, еве да се каже дека овој град заслужува уште еден убав клавир во оваа сала. А аплаузот си кажа сé, рече Вршкова веднаш после концертот.

-Пред се, и благодарам на публиката што дојде во толкав број. Импресиите се прекрасни, публиката беше како и секогаш прекрасна во Битола, супер бевме прифатени, многу сме задоволни и се надеваме дека наскоро пак ќе се вратиме, изјави Бакревски.

Лумановски пак концертот му го посвети на професорите по кларинет Панде Татарчевски и Боби Коминовски.

-Овој концерт ми значи. Ми понудија повеќе концерти, требаше да одлучам за проект, го помислив овој проект и малку не бев сигурен дали ќе има многу публика поради тоа што е класичен концерт. И кога ја видов публиката и кога ја почувствував таа енергија, бев премногу среќен, рече Лумановски.

Исмаил Лумановски откажа неколку концерти за да биде деновиве во својот град, после набиениот распоред и концертите низ светот. Тој е добитник на признанието „Ајри Демировски“, востановено во чест на авторот на антологиската песна „Битола мој роден крај“, кое „Битолски весник“ веќе неколку години посмртно го доделува во рамките на манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“. По повод добивањето на ова престижно признание, Лумановски специјално пристигна во Битола да ја прими наградата.