Со еден исклучителен повод, проектот за реконструкција и изградба на нов коловоз на влезот на Битола, вака рече градоначалникот на Битола, кој беше домаќин на премиерот Мицкоски.

„Овде сме заради еден вреден проект реконструкција на коловоз во должина од 1,3 километри на потегот од „Лук Оил” до ГУП, односно до самиот влез во градот кај таблата што пишува Битола. Делницата која опфаќа не само нов коловоз туку комплетен булеварски влез со ширина од 27,5 метри, ширина на двата коловози од по 7,5 метри, со урбано уредена површина која ќе ги разделува двата коловози со пешачки и велосипедски патеки од 5,5 метри од по страните. Влез кој заслужува да биде направен, затоа што беше болна точка, беше влез кој недоликуваше за Битола”, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Коњановски им се заблагодари и на пратеничката група кога се обезбедуваа средствата. Мицкоски очекува брзо да се заврши овој влез.

„Задоволство е да се одбележи овој почеток на овој проект којшто ќе значи многу за битолчани и мислам дека со ова, уште едно ветување коешто го дадовме го исполнуваме со овој почеток. Очекувам брзо да се заврши овој влез, со што ќе биде заокружена една целина. Како што самиот градоначалник кажа, не само овој проект овде, туку и на многу локации низ Битола се работат и градежни зафати и други проекти. Јас сакам да му честитам на градоначалникот, на советниците, на администрацијата којашто ја подржуваат работата на градоначалникот, на пратениците коишто грчевито се бореа во минатото, а и сега морам да кажам, и покрај тоа што Владата ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија”, се борат за секој проект повеќе за Битола“ рече премиерот Христијан Мицкоски.

Следна станица беше локацијата каде што се гради новата зграда на противпожарната единица на Битола.
„На 1600 м2 нова зграда, која што ќе овозможи подобри услови. Знаеме сите сведоци сме што претрпевме изминатите денови со пожарите кои ја зафатија Македонија“ рече Коњановски.

Пред посетата на спортските терени кај основното училиште „Елпида Караманди“, Мицкоски го виде и новиот парк во Нова Битола. Коњановски му се заблагодари на Мицкоски и како претседател на партијата кој ја посетуваше Битола, а сега и како пермиер.

„Промоција, односно отварање на нови игралишта на површина од над 2000 метри, се работи за фудбалско игралиште, во основното училиште „Елпида Караманди“, одбојкарско и кошаркарско игралиште, трим патека околу тоа и фитнес зона“ објасни Коњановски.

Мицкоски рече дека изминатата влада не била позитивно настроена кон локалната самоуправа.
„Морам да напоменам дека во тој период, Владата не беше позитивно настроена кон Битола, битолчани и градоначалникот, честопати и се одземаа ингеренции и до ден денеска, сѐ уште рецидиви од тоа време, но сега е поинаква ситуацијата“ вели Мицкоски.

Коњановски кажа и дека се подготвени со проекти со кои ќе аплицираат на повикот на владата кој ќе следи по носењето на ребалансот на буџетот во Собранието.

Премиерот кажа дека Макеоднија и Битола се сакаат со дела.












