(Видео) Сведочењето на Марк Закерберг ги крена на рекорд акциите на Facebook

0
356

Марк Закерберг, основачот и директор на најпопуларната социјална мрежа Facebook, со неговото сведочење пред комитетите на американскиот Конгрес успеа да ги дигне акциите на компанијата на рекордно ниво во последните повеќе од две години, а притоа и да се одбрани од нови последици по скандалот со контроверзната компанија Cambridge Analytica. 

Закерберг пет часа одговараше на прашањата на американските конгресмени кои поведоа истрага откако се дозна дека Cambridge Analytica имале пристап до податоците на 87 милиони корисници на Facebook добиени од страна на надворешен девелопер со кои правеле политички стратегии за кампањата на претседателот Доналд Трамп.

Според Закерберг, Facebook знаел дека Cambridge Analytica ги има овие податоци и побарале од нив да ги избришат но, не ја известиле јавноста, ниту пак корисниците. Податоците секако биле искористени за политички цели, а веќе се води истрага во Велика Британија каде е лоцираната посочената компанија.

Закерберг го одбрани Facebook кога е во прашање чувањето на личните податоци на корисниците тврдејќи дека тие никогаш не им ги откриваат на компаниите кои се огласуваат на нивната платформа, туку посакуваните реклами сами ги поставуваат согласно аналитичките податоци.

Шефот на Facebook, сепак не даде директен и конкретен одговор дали социјалната мрежа ги следи корисниците што прават на интернет и откако ќе се одлогираат, ниту пак даде јасно уверување како неговата компанија ќе се бори со ширењето на говорот на омраза освен што вети дека развива алатки со вештачка интелигенција кои ќе бидат достапни за пет до десет години.

faktor.mk