(Видео-фото) Невреме на Халкидики – загинаа шестмина туристи

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Во силното невреме што синоќа ја зафати северна Грција, шест лица го загубија животот на Халкидики, 30 лица биле спасени од домови и автомобили, а 20 се префрлени во болница, потврдуваат од грчката противпожарна служба, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките медиуми објавија дека петмина од загинатите се од Романија, Чешка и Русија, а животите ги загубиле во Неа Плагија, Созополи и Потидеа на Халкидики.

Според истите информации, 54-годишна Романка загинала кога врз неа се урнал кров од таверна, во Созополи во невремето бил превртен автомобил-приколка и животот го загубиле двајца туристи од Чешка, а во Потидеа дрво паднало врз 39-годишен Русин и неговиот двегодишен син.

За шестата жртва, која им подлегнала на повредите на пат кон болница, нема дополнителни информации.

Десетици лица се повредени, од кои четири се во критична состојба, а се трага по уште неколкумина исчезнати.

Надлежните служби добиле околу 600 повици за помош. Повеќе области од Халкидики останале без струја, додека отежнато е движењето по патиштата поради паднатите дрвја. Нанесена е и значителна материјална штета.

Share.