Владата прогласи дводневна жалост

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Владата на вечерашната вонредна седница донесе одлука 14 и 15 февруари да бидат прогласени за ден на жалост поради загинатите во сообраќајната несреќа што се случи на автопатот Скопје-Тетово, соопшти вечерва премиерот Зоран Заев.

Тој рече дека бројката на загинати достигнала 14 лица.

„Неизмерна е болката и тагата и нема зборови што можат да бидат утеха за тешката сообраќајна несреќа која беше кобна за повеќемина наши сограѓани. Сочувствуваме со најблиските за нивните загуби. Ги мобилизираме сите сили и капацитети да им помогнеме на сите останати со животозагрозувачки и други повреди колку што може побрзо да ја добијат неопходната помош и да им се вратат на своите најблиски“ рече премиерот Заев.

Тој рече дека причините за несреќата се уште се непознати, а истрагата е под раководство на надлежен јавен обвинител.

Засега се знае дека автобусот поминал на спротивната коловозна лента, влегол на регионалниот пат и паднал во удолнината. На лице место загинале седум патници.

Во Градската болница „8 Септември“ примени биле 37 лица, од кои 6 починале. Во „Св. Наум Охридски“ починало 1 лице, а на Клиничкиот центар примени се 7 лица, од кои 3 се со сериозни повреди. На Ургентниот центар е примена и една 28-годишна бремена жена, која е во добра здравствена состојба.

Возачот на автобусот е хоспитализиран во Градската болница, со него веќе разговарала полицијата и тој, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, е во добра здравствена состојба.

Share.