Владата со финансиски мерки за малите и средни компании

0
130

Државата ќе ги финансира бизнис идеите на малите компании и со парите што ќе ги даде ќе може да стане сопственик на максимум 25 проценти од нивниот капитал. Ова е една од мерките што ги промовира Владата а се однесуваат на финансиската поддршка на микро, малите и средните претпријатија. Освен тоа, државата ќе покрива и до 70% од трошоците за развој на нов производ. Ќе враќа 30 проценти од инвестициите за купување на опрема кај брзорастечките компании и ќе дава поддршка за стручно усовршување за невработените.

„Не е иновативност да откриете нешто што не постои во светот, тоа е многу ретко. Ние кога викаме иновативност е  да воведете, креирате  нов производ. Тој производ може е познат во светот но вашата компанија не го произведува и сакате да воведете нов производ, ние тоа го третираме за воведување нов производ  и тоа ќе биде помогнато со 70 проценти“, вели Кочо Анѓушев – вицепремиер

Освен посебните мерки, за кои Владата издвоила над 10 милиони евра,  малите компании ќе можат да бараат и државна помош, преку новиот закон за финансиска поддршка.

„Ние очекуваме на наредната седница на Владата да го ставиме законот за финансиска поддршка на инвестициите во Влада па потоа да помине низ собраниски процедури. Затоа уште еднаш ги повикувам сите пратеници да го поддржат овој закон за да можат компаниите што побрзо да го користат“, вел Крешник Бектеши, министер за економија

За државна пари ќе се аплицира на јавен повик што ќе го распише Фондот за иновации. Првиот ќе биде следниот месец, а до крајот на годината ќе има уште два.

Новите мерки ќе важат подеднакво и за домашните и за странските компании. Но колку тие ќе влијаат врз странските директни инвестиции. Народната банка објави дека минатата година парите од странските инвеститори се преполовиле. Во Македонија влегле 227 милиони евра, што е за 110 милиони помалку во однос на 2016 та.