Владата утре ќе ги разгледува мерките за вакцинација на јавниот сектор

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, утрово на Главниот Координативен Кризен Штаб (ГККШ) ги предложи мерките на Комисијата за заразни болести кои со консензус беа усвоени на состанокот, минатата недела.

Како што соопштуваат од министерството за здравство, министерот посочи дека мерките кои ги предлагаат здравствените експерти се целосно издржани и ќе дадат резултат и за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјава како и за покачување на вакцинацијата во државата.

Говорејќи за состојбата во државата, министерот образложи дека  болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75% до 80%. Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други. Министерот Филипче, вечер ќе одржи состанок со Синдикатите како би ги слушнал и нивните предлози, кои ќе бидат презентирани и на владината седница.

На денешниот состанок на ГККШ не беа донесени заклучоци, предлог мерките ќе се разгледува утре на седница на Влада.

Сподели