ТЕРА

REKLAMA???

ВЛАДИМИР ИЛИЕВСКИ ЈА ПРЕТСТАВИ СВОЈАТА ИЗЛОЖБА „ИСЧЕЗНУВАЊЕ“

Во Офицерскиот дом, беше отворена ликовната изложба „Исчезнување“ на авторот Владимир Илиевски. 

„Планот не беше да се појавиш. Ниту да исчезнеш. Но, што е планот наспроти случувањето? А и како би исчезнало, ако не се појавило. Па на бело платно, изгорено дрво… и многу вода. Кога се обиде да ја измиеш нечистотијата, почна да исчезнуваш. Но, застана. Тогаш, ниту те имаше, ниту те немаше… Како облак кој ниту е вода ниту лед. Како задржан здив, ниту вдишан, ниту издишан. Исчезнувајќи – се појави“ – вели Владимир Илиевски, во својот осврт за изложбата. 

На изложбата која е во рамките на Бит фест беа претставени шест големи насликани платна со женски портрети. Роден 1989 година во Скопје, Владимир Илиевски дипломирал како најдобар студент на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот за сликарство, во класата на професорите Вело Ташовски, Свето Манев и Благој Маневски.

За неговото сликарство ликовните критчари велат дека „во голем дел е тематски фигуративно, но дека во себе ги содржи ликовноста и духот кои прават едно дело да биде занаетски, технички и емотивно-вредно, а во исто време авторот да ги претстави сопствените психолошки состојби, но и надворешните постојани или моментални особености“. Илиевски во своите слики внесува најразлични тематски содржини.

Уметникот досега има реализирано 13 самостојни изложби, пред оваа, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ од 2012 година, а за сопственото творештво има добиено бројни награди и признанија меѓу кои наградата „Вангел Коџоман“ за најуспешна реализирана изложба во периодот 2011- 2013 година, првата награда за стрип на 40. Светска галерија на карикатури на Остен, награда Експериментален цртеж на ДЛУМ во 2014, прво место на конкурсот за избор на идејно решение за изработка на бел штрк во парк Чешиново – Облешево, откупна награда „Владимир Георгиевски“ за „Автопортрет во изолација“ на Здружението за култура „Транзен“ од Струмица пред две години и други.

Автор е и на два мурали, во Скопје и во Струмица. 

Претходно тој ја промовираше изложбата „Не е ниту сон“  во Галеријата на МКЦ – Скопје, а минатата година го привлече вниманието на љубителите на уметноста до изложбите „Соединување“, или “Becoming One”. Изложбата може да се посети, секој работен ден од 08.00 – 16.00 часот.