По вчерашната прес конференција на директорот на ЕСМ Топлификација Битола, Горан Козаров, за динамиката на градбата на топлификацијата, денеска со реакција се огласи ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола.
„Браво и заслужувате честитки, господине Козаров, како добар гласник, кој им ја пренесе веста на граѓаните на Битола дека за две недели привршува изградбата на првиот лот за топлификација – односно за две недели мрежата влегува во Битола. Дали овој пат, ја зборувате вистината – две недели и не се многу време за проверка.
Чудно е зошто, ако за две недели вистина влегува мрежата, сега вие сте гласникот и тоа го обзнавувате. Не личи ли како она со филтрите во РЕК, кои најмалку четири пати, по различни поводи беа менувани, санирани ?!?
Ама ова е друго, еве да речеме вие сте вториот по една безимена и брзо заборавена градоначалничка да ја промовирате топлификацијата – значи само два пати, што е двојно помалку од четири и да не убедувате дека топлификацијата само што не влегла во Битола.
Вистина сакаме да ви честитаме господине Козаров што ете храбро сте влегле да глумите “добар гласник”, а поговорката за лошите на сите ни е позната.
И да честитаме и да аплаудираме, не можете пред граѓаните да ја избегнете одговорноста што и како локална и во континуитет како централна власт, не смогнавте сили да го реализирате готовиот проект за топлификација на Битола. Ништо не може да го промени фактот дека сте криминална, коруптивна, лицемерна власт, која конечно, за долго треба да замине во опозиција.
Криминални милионски афери во РЕК Битола, негрижа за вработените во РЕК Битола – нели ќе го затворате и што уште не, АМА вие сте одбрале да бидете добар гласник, Козаров ~ САМО ТОА И САМО ТОЛКУ, зашто друго и нема што да правите“ велат од битолската ВМРО ДПМНЕ.












