ВМРО ДПМНЕ поднесе кривични пријави за седницата во неделата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска во Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери и двајца пратеници заразени со ковид-19 кои дојдоа на гласање во Собранието.

Опозициската партија смета дека со тоа е прекршен Кривичниот законик во делот за непостапување по здравствени прописи во време на пандемија.

„Македонија мора да биде држава во која што законите и Уставот важат подеднакво за сите. Поради основано сомневање за прекршување на Кривичниот законик, а особено во членовите 205 и 206, кои што се однесуваат за непостапување по здравствени прописи  во време на пандемија, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денес во Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава.

Очекуваме дека Јавното обвинителство ќе постапи согласно законите и ќе ја процесуира оваа кривична пријава.

Исто така морам да потенцирам дека во неделата беше прекршен и Законот за заштита на населението од заразни болести, кој што внимавајте имаше измена и дополнувања кои што ги донесе овој пратенички состав во месец октомври 2020-тата година. Токму поради овие основани сомневања денес ја поднесуваме оваа кривична пријава, која што се надеваме дека ќе се процесуира итно“ рече пратеничката Ели Панова.

Сподели