Водостојот на Црна Река критичен кај Бучин

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

По обилните врнежи од дожд, зголемените температури и наглото топење на снегот нивоата на реките во Македонија, особено во западниот дел, се зголемени. Водостоите постојано се зголемуваат на реките Црна, Треска и Вардар.

Вардар се излеa кај селото Форино, Гостиварско. Постои опасност од поплавување на куќи, известија од Центарот за управување со кризи. Има излевање и на Црна Река на повеќе места по должината на коритото. Од ЦУК информираат дека побарале од хидроцентралата Вруток да го намали производството на електрична енергија затоа што водите од акумулацијата влијаат на покачување на нивото на водата, по што хидроцентралата го запре целосно производството и се очекува нивото на водата да се намали.

Можни критични точки од излевање на реката Вардар се селото Раотинце, а водостојот на Црна Река веќе е критичен кај селото Бучин.

Во Кумановско постои опасност од излевање на реката Пчиња кај Пелинце, Крива Река, Треска кај Пласница… Поради топењето на снегот и влагата во почвата, можна е и појава на одрони и свлечишта низ целата територија.

„Најновите информации од автоматските станици измерени синоќа во 21,00 часот покажуваат и понатаму високи водостои. На станицата во Јегуновце (река Вардар) измерени се 214 цантиметри и според наши согледувања соодветно на водните количини во реката, во околина на станицата возводно и низводно очекувано е да има излевања на реката Вардар“, соопшти УХМР.

Поради појавата на високи водостои и излевања се предупредува на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ Македонија, а особено во делови од западна Македонија.

мкд.мк

Share.