„Вози женски – вози одговорно“

0
244

„Ако возењето со максимална претпазливост е женски, тогаш јас сакам да возам женски. #ВозиЖенски #ВозиОдговорно – ова е една од пораките кои јавните личности и РСБСП ги праќаат во рамки на едукативната акција организирана за 8 март, празникот на жената.

Да се биде жена-возач воопшто не е лесна работа бидејќи бројот на оние кои сметаат дека возењето е „машка работа“, сѐ уште е многу голем. Стереотипот дека жените се лоши возачи за жал сѐ уште е присутен. Вистината е дека постои „женско возење“ или „женски начин на возење“. Тоа е точно! Постои! Но, во суштина, тие се многу внимателни возачи и кога ќе се најдат во сообраќаен метеж полн со неодговорни и со агресивни возачи, неминовно е да бидат перцепирани како некој кој не се вклопува во тој систем!

Жените всушност се доста внимателни, дисциплинирани и совесни возачи – речиси никогаш не возат со брзина поголема од дозволената, не поминуваат на црвено и не возат под дејство на алкохол. Брзото и агресивното однесување во сообраќајот едноставно не ѝм е својствено на жените. Жените покажуваат склоност кон почитувње на сообрќајните правила и прописи и кон почитување на велосипедистите и на пешаците, а тоа во очите на некои неодговорни возачи е еднакво на неснаоѓање!

Да! За жал, почитувањето на сообраќајните правила и прописи се доживува како НЕСНАОЃАЊЕ и како ЖЕНСКО ВОЗЕЊЕ!
Со цел да ги охрабриме жените-возачи и да ги разбиеме сите стереотипи дека жените се лоши возачи, а по повод денот на жената, „8 март“, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата организира сообраќајно-едукативна акција под мотото „Вози женски-вози одговорно“.

Акцијата ќе биде поддржана од голем број јавни личности од понежниот пол и ќе се реализира преку социјалните медиуми, на кои повеќе од 25 познати и афирмирани личности од јавниот живот во Република Македонија – новинари, водители, пејачи, манекенки, глумци, артисти, доктори и професори ќе повикаат на одговорно возење и на почитување на жените како рамноправни учесници во сообраќајот.

Целта е сите заеднички да испратиме порака дека жените претставуваат позитивен пример како треба да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и како треба да се однесуваме во сообраќајот. На тој начин, од една страна ќе ги рушиме стереотипите дека жените се лоши возачи, а од друга страна ќе ја подигнеме свеста за одговорно учество во сообраќајот кај сите учесници.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата заедно со поддржувачите на акцијата #ВозиЖенски #ВозиОдговорно, на сите припаднички на понежниот пол ѝм го честита празникот на жената „8 март“ со апел да бидат внимателни и одговорни учесници во сообраќајот и секојднево да го даваат својот личен придонес за повисока сообраќајна култура и за побезбеден сообраќај. А пораката до сите учесници во сообраќајот гласи:

Ако возењето со помала брзина е женски…
Ако застанувањето на секој СТОП знак е женски…
Ако пропуштањето на секој пешак на пешачки премин е женски…
Ако долготрајното и претпазливо паркирање е женски…
Ако двојното проверување на секоја крстосница е женски…
Ако внимавањето на возачот од спротивната страна е женски…
Ако почитувањето на сите сообраќајни правила е женски…
Ако држењето до својата сообраќајна лента е женски…
Ако возењето со максимална претпазливост е женски…
…тогаш, ајде сите да воземе женски!
#ВозиЖенски #ВозиОдговорно