Во Битола најмногу жртви во сообраќајки

0
1794

За учесниците во сообраќајот, Битола е најризичен град во земјава годинава, открива статистиката на Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај.
На подрачјето на СВР Битола, годинава животот го загубиле 27 лица, земајќи во обзир и фактот дека пред неколку дена имаше уште една жртва.

На второ место според бројот на загинати е Скопје со 24 жртви, по што следуваат Штип со 22-ца починати и Струмица со 16.
Во анализата се потенцира дека главна причина за несреќите е возење со брзина поголема од пропишаната. Најголем дел од возачите во земјава ја притискале педалата за гас до 10 километри на час повеќе од дозволеното.
Крушево, Кратово и Кавадарци според анализата на републичкиот безбедносен совет се општини каде се вози најбрзо, и со над 50 километри на час. Најпримерни пак во почитување на брзината се возачите во Кичево, Делчево и Кочани.

Инаку освен преголема брзина, причини за сообраќајките се и неисправни возила како и неносењето сигурносен појас. Истажувањето покажало дека Штипјани со дури 92 проценти од возачите се рекордери во некористење појас додека пак Кавадарци предничи по бројот на нерегистрирани возила.

Од јануари до ноември оваа година се случиле вкупно 7.330 сообраќајни незгоди. Од нив, 3.694 се со потешки последици. Загинале 122 лица, а со материјална штета се 3.636.