Во Грција и Вартоломеј разговара за името со Ципрас и Павлопулос

0
319

Додека двете страни се во исчекување на разговорот меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за потврда на досега постигнатото во преговорите за името, во Грција се отвори црковниот аспект на името, откако во посета на Атина пристигна Вселенскиот патријарх, Вартоломеј.

Грчкиот премиер Ципрас вчера се сретна со Вартоломеј и ги поздрави напорите на Вселенската патријаршија за решавање на статусот на МПЦ, додека вселенскиот патријарх потенцира дека се работи на сеправославна обединетост и соработка.

– Би сакал да ги поздравам вашите обиди за позитивно решавање на црковниот аспект на разликите што ги имаме со поранешната југословенска Република Македонија. Верувам дека гледате и ние се обидуваме да ги решиме разликите што постојат веќе многу години и попречуваат две соседни земји да имаат една нормална соработка и заеднички тек, му порача Ципрас на Вартоломеј.

Тој изрази верување дека можноста за решение би можело да создаде средина на стабилност и развој на Балканот, нешто, што како што рече, „ни е потребно, како и добра соработка меѓу два соседни народа, кои во мнозинството имаат православна христијанска вера што е важен елемент што не треба да се занемари“.

Вартоломеј нагласи дека тоа прашање е во рамки на канонските обврски на Вселенската патријаршија, да се обидува да ги отстранува расколите каде штo постојат.

Вселенскиот патријарх се сретна со и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и со архиепископот на ГПЦ, Јеронимос, а посетата на Атина следеше откако минатата недела Вселенската патријаршија соопшти дека Светиот и Свештен Синод го разгледал прашањето со нерешениот канонски статус на Охридската Архиепископија.

mkd.mk