Во новиот серијал Кери повторно со поранешниот дечко

На почетокот на годината, обожавателите на култната серија „Сексот и градот“ беа воодушевени од веста за повторното обединување на омилените хероини на сите времиња. Актерките Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис уште еднаш ќе ги оживеат улогите што ги направија славни во новото издание на серијата со наслов „And Just Like That“. 

 

 

Иако во новите епизоди нема да ја видиме актерката Ким Катрал, која ја играше улогата на Саманта Џонс, сега е откриено дека на овој возбудлив проект се приклучува и славниот американски актер Џон Корбет.

Во серијата „Сексот и градот“ 59-годишниот Корбет го отелотворува ликот на Ејдан, поранешниот свршеник на главниот лик Кери Бредшо, а во интервју за „Page Six“ тој откри дека се враќа во истата улога.

Во култната серија во продукција на „HBO“, Корбет го толкуваше несреќниот дизајнер на мебел Ејдан кој Сара Џесика Паркер во улогата на писателката Кери Бредшо го изневери со нејзиниот иден сопруг г-дин Биг кој го толкуваше актерот Крис Норт.

Во второто филмско продолжение на серијата, Кери налета на Ејдан за време на одмор во Абу Даби, а нивната средба успеа да ја разниша нејзината врска со нејзиниот сопруг.

Актерката Ким Катрал, која го толкуваше ликот на заводничката Саманта Џонс, не прифатила да работи какви било идни проекти поврзани со серијата „Сексот и градот“ поради недоразбирања со актерката Сара Џесика Паркер.

Корбет ја прокоментира целата ситуација околу фактот што обожавателите на серијта се разочарани затоа што нема да ја видат Саманта, велејќи дека никогаш не забележал напнатост за време на снимањето на серијата, но истакна дека повеќето сцени ги снимал со Сара Џесика Паркер, додека само една снимал со другите хероини.

„Тие секогаш беа љубезни со мене. Останатите девојки ги запознав малку подоцна, но секогаш имавме убави разговори“, откри актерот.

Ликот на г-дин Биг, кој со години го играше Крис Норт, очигледно, нема да го видиме во новите продолженија на серијата, но на социјалните мрежи тој навести дека сепак може да се појави во овој проект.

Сподели