Во Прилеп „Сите на велосипед“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

По повод Денот на сесловенските просветители „Свети Кирил и Методиј“ денеска во Прилеп, традиционално по 14 – ти пат се одржа манифестацијата „Сите на велосипед“ на која учествуваа повеќе од 500-тини љубители на велосипедизмот. Манифестацијата е во организација на велосипедскиот клуб „Илинден“, Сојузот на училиштен спорт на Прилеп и Велосипедската федерација на Македонија, а под покровителство на Општина Прилеп. Како и минатата година, така и оваа градоначалникот Илија Јованоски, беше дел од истата.

„Едноставно нема поубаво чувство од задоволството да се вози точак, тоа го зајакнува здравјето и духот. Тој е превозно средство кое не загадува и со помош на кое побрзо, поедноставно ќе стигнете до саканата дестинација во градот. Ваквите настани придонесуваат за подигнување на еко-свеста кај нашите сограѓани, за значењето на употребата на велосипед како здрава, напредна-еколошка практика, која во голема мера придонесува да имаме чист воздух, намалување на загадувањето, а со тоа и заштитата на животната средина. Во оваа прилика, уште еднаш сакам да го честитам денешниот празник 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј и да им го честитам именденот на сите што го слават“, изјави градоначалникот Јованоски.

Во поглед на подобрување на условите на велосипедската инфраструктура, градоначалникот Јованоски, потенцираше дека во тек се припремите за реализација на проектот за реконструкција на булеварот „Гоце Делчев“ и на дел од улицата „Прилепски Бранители“ каде ќе бидат изведени велосипедски патеки во двете насоки. Ќе се работи на реконструирање, поврзување и обележување на постоечките патеки и дооформување на велосипедската мрежа, а од наредната година се размислува да се водеде и мерката „субвенционирање при купување на нов велосипед“.

Според Драган Димитриоски, претседател на клубот „Илинден“, целта на трката е да се промовира велосипедот како еколошко и најприфатливо средство за патување кое не ја загадува животната средина.

„Традиционално, по 14-ти пат, манифестацијата „Сите на велосипед“ се одржува во Прилеп. Бројот на учесници е секогаш голем, сигурно има преку 500 велосипедисти. Благодарност до Општина Прилеп што и овој пат е покровител на оваа манифестација, која е една од најстарите од ваков вид на ниво на држава“, изјави Драган Димитриоски, претседател на клубот „Илинден“.

По стартот учесниците возеа до населеното место Мало Коњари и назад до градот. Во трката се приклучија и велосипедисти од Кривогаштани, Битола и Гостивар. На спортскиот аеродром во Мало Коњари беа доделени традиционалните награди за најмладиот и најстариот учесник на трката.

Share.