Јавното претпријатие “Стрежево” го почитува договорот меѓу Владата и синдикатите, како и Општиот колективен договор за јавниот сектор и согласно тоа вработените ќе го добијат предвиденото покачување на платата од 10%, соопштија од претпријатието.
Средствата се обезбедени од сопствени извори, а покачувањето ќе се реализира заклучно со септемвриската плата, за што е донесена одлука и од Управниот одбор на претпријатието.
„Иако оваа година се соочувавме со огромни проблеми во работењето поради долг кој произлегува од судски постапки, сепак изнајдовме начин да ја пребродиме кризата и успешно ја завршуваме сезоната за наводнување. Продолжуваме да вложуваме во човечки капитал. Вработените се една од најголемите инвестиции на Стрежево. Со поттикнување на задоволството на вработените и вложувањето во човечкиот капитал, се осигурува и максимална исплатливост на инвестицијата. Мотивираните работници не се само генерално попродуктивни, туку тие исто така обезбедуваат повисоко ниво на задоволство кај нашите крајни корисници – “Задоволни вработени-задоволни водокорисници”. Стрежево останува да биде успешна приказна и покрај големите премрежја изминатиот период. Ќе продолжиме да испорачуваме уште поголеми вредности и очекувања пред нашите корисници, а тие се нашата главна водилка. Да го слушнеме нивниот глас и потреби, но и својствено на тоа да ги унапредуваме нашите услуги во интерес на граѓаните, е секако и наша основна и крајна цел“ вели директорот Менде Граматковски.