Втор ден на Моден Викенд Скопје: Носталгија за минатото и поглед кон иднината

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Вториот ден на Модниот викенд започна на железничката станица во Скопје, со авангарден перформанс на Теодора Митровска, која со стариот воз на Јосип Броз Тито, ги одведе домашните и странските посетители на чудесно патување низ времето на стара Југославија.

Македонската дизајнерка со лондонска адреса, приреди несекојдневна визуелна презентација на машката колекција „20.18“. Брендот со нејзин потпис е препознатлив по константните обиди да ги инкорпорира елементите од нашата култура, концептот за работничката класа, односно естетиката на униформите.

Инспирацијата за креациите е длабоко лична и интимна, со одредена доза и на темнина, а цели да создаде андрогини неземски војници на модерното време. Си поигрува со мажественоста и родовите стереотипи кога е гардеробата во прашање, па истражувајќи нови текстилни техники и неконвенционални материјали, таа настојува да ги урне ваквите бариери.

Програмскиот дел продолжи во Музејот на град Скопје, со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд  Jar & Jam, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, наменети се за сладокусците со младешки и игрив дух, особено во зимските месеци. Футуристичката визија и иновативноста како нивен заштитен знак, воочлива е и во последната колекција насловена „Tempo & Patience…Sweet temptation“, којашто неодоливо го оживува духот на 90-тите години од минатиот век.

Првите чекори на домашната сцена вечерта ги направи Мила Спасовска под етикетата Yamuna, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, која дефинира стихија на сопственото јас.

Ни ја подарува убавината која стои зад внатрешната војна. Го гледаме човекот како си игра со временските непогоди и како чекори низ нив. Внатрешната наспроти надворешната борба и вечното тежнеење кон сопствена револуција.

Со ревијата за „LA NUIT“, доминантно на модната писта настапи и Зана Алиу, на која визијата оваа сезона ѝ е да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното.

Според дизајнерката, таа е кралица на општеството. Толку едноставна и толку комплицирана во исто време. Таа е тивка и скромна, но истовремено и арогантна, бурно изразувајќи ја страста, мистеријата, љубовта, сексипилноста. Црната има сѐ и нејзината убавина е апсолутна, а истото дизајнерката го демонстрираше и низ креациите кои не ја оставија публиката рамнодушна.

Крајот на вториот  ден беше резервиран за проектот „Нитка“, чии  учесници ѝ се претставија на јавноста со заеднички перформанс. Станува збор за групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија желба да учат, експериментираат и да се усовршат во за нив сосема непозната сфера – плетењето.

Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, шестмината за неполн месец научија повеќе различни техники од подзаборавениот занает. Проектот „Нитка“ е финансиски поддржан од Министерството за култура.

Фотографии:AD Photography.

 

Share.