По заканувачките вчерашни дојави за поставени бомби во основните и средни училишта во Белград, пристигнаа нови закани, дека се поставени експлозивни направи на мостовите во Белград, во трговските центри, зоолошката градина, ресторани и железничката станица, амбасади и други објекти.
Утрово министерот за образование Бранко Ружиќ изјави дека, поради ваквите дојави, моделот на настава ќе се приспособува односно таму каде што ситуацијата е безбедна децата ќе продолжат со настава со физичко присуство, а онаму каде што проверката не е завршена, наставата ќе се одвива на далечина.
Ако биде потребно, како што изјави министерот утрово, ќе се примени онлајн моделот за да се заврши учебната година.
Припадниците на МВР во соработка со Обвинителството за организиран криминал и Вишото јавно обвинителство во Белград интензивно ги истражуваат овие случаи, а вклучено е и Специјалното одделение за високотехнолошки криминал на Вишото јавно обвинителство.
Како што се наведува, поради големиот број пријави за бомби, ангажирани биле сите расположливи капацитети на единиците за контрадиверзија на МВР за увид во објектите и институциите до кои се испратени пријавите, од кои сите биле лажни и насочени на предизвикување на паника и вознемиреност на граѓаните.
Во соопштението на Министерството се наведува дека заканите пристигнале „од различни адреси од повеќе европски земји, на адреси на институции, весници и фирми
По повод информациите за поставени бомби во Белград, министерот за внатрешни работи Александар Вулин изјави дека против Србија се води специјална војна и дека целта на сите напади е Србија да престане да води независна политика и да носи одлуки под притисок и страв.












