В четврток ќе се гласа за доверба на Владата

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за четврток ја закажа седницата на која треба да се гласа доверба на Владата, откако вчера до него ваква иницијатива со потписи од 61 пратеник поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, АА и Алтератива, Беса и Левица. Потоа, според партиски информации, Џафери го повикал премиерот Зоран Заев на средба во Собранието, а таму беше и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според досегашните информации, сепак, неизвесно е колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на Владата на Заев во четврток.

Од СДСМ за МИА синоќа потврдија дека Џафери го повикал Заев лично да го информира за поднесената иницијатива за гласање доверба на Владата и за следните деловнички чекори.

Откако беше поднесена иницијативата Кабинетот на претседателот на Собранието информираше дека е доставено Барање за гласање за доверба на Владата.

-Претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање доверба на Влада, а седницата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток, на 11 ноември 2021, во 11.00 часот. Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата, наведува Кабинетот на Претседателот на Собранието.

Сподели