Генералниот штрајк што ја зафати целата земја ја парализира Грција, додека владата на премиерот Киријакос Мицотакис се соочува со силен притисок да се справи со кризата. Синдикатите побараа од владата да ги зголеми платите и да преземе мерки за справување со високата инфлација, пишува Гардиан.
Работниците во Грција ја напуштија работата како дел од 24-часовниот штрајк, кој ја стопираше работата на бродовите, ги затвори училиштата и ги прекина градежните активности во земјата.
Штрајкот е организиран како протест против високите трошоци за живот. Претставниците на јавниот сектор бараат зголемување на платите за 10% и враќање на 13-та и 14-та плата, кои беа укинати за време на финансиската криза која траеше скоро една деценија од 2010 година.
„Трошоците на живот се високи до небото, а нашите плати се на најниско ниво, додека високите трошоци за домување ги оставија младите луѓе во трагична ситуација“, изјави Јанис Панагопулос, кој ја предводи најголемата приватна синдикатска организација, ГСЕЕ.
Дури и синдикатите на работодавците се приклучија на штрајкот, барајќи „суштински мерки кои ќе овозможат на работниците да имаат пристоен живот“.
Нископлатените Грци се принудени да преживуваат со минимална плата од помалку од 900 евра месечно во земја каде што цените на малопродажни производи, телекомуникации и енергија се едни од највисоките во Европа.
Атинското метро е затворено на неколку часа, додека фериботите, кои се клучни за врската помеѓу островите и копното, се запрени.
Училиштата, градинките и јавните институции се затворени, а болниците работат само со итни случаи.
Планирани се и маршеви за подоцна во денот.
Новинарите на грчките медиуми исто така организираа 24-часовен штрајк во вторник, повлекувајќи ги сите новости од етерот за да ја покријат акцијата со штрајкот.
Меѓутоа, супермаркетите, киоските и таверните останаа отворени, додека повеќето самостојни работници, како на пример таксистите, продолжија да работат.
Синдикатите го обвинуваат премиерот Киријакос Мицотакис за неуспех во справувањето со инфлацијата и за неговата станбена политика, која ги намалува животните стандарди на работниците.
Владата на Мицотакис го зголеми минималниот месечен бруто доход четири пати откако дојде на власт во 2019 година, на 830 евра месечно. Објавено е дека ќе го зголеми на 950 евра до 2027 година.
Но, многу Грци сметаат дека овие зголемувања се недоволни и дека нивните плати не можат да го следат растот на трошоците за енергија, храна и кирија.
Фото: принтскрин / DW












