Генералниот секретар на НАТО во дводневна посета на Македонија

0
229

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ќе пристигне во дводневна посета на Македонија. Според најавите, тој ќе се сретне со претседателот Ѓорѓе Иванов, министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска и со лидерите на политичките партии.

Утре Столтенберг ќе им се обрати на пратениците во Собранието и ќе одржи заедничка прес-конференција за медиумите со премиерот Зоран Заев.

Неговото обраќање во Парламентот ќе го слушаат и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои веќе речиси еден месец ја бојкотираат работата на законодавниот дом. Одлуката била донесена на завчера, на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а пораката е да покажат дека стратешката определба на партијата е членството во НАТО и ЕУ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат дали тоа значи дека опозицијата се враќа да учествува во работата на собранието, велат дека за тоа дополнително ќе информираат.

Ова е прва посета на Столтенберг на Македонија. Пред три години во посета на земјата беше неговиот претходник Андрес Фог Расмунсен.

makfax.com.mk/